
Фудбалерите на Германија ќе ја дочекаат Шпанија во четвртфиналната пресметка на Европското првенство. Тешко е да се предвиди како би се движеле случувањата на дуелот во Штутгарт бидејќи двете селекции покажаа најмногу од сите фаворити на првенството.
Во пресрет на натпреварот своите очекувања ги изнесе селекторот Јулијан Нагелсман.
„Нашите подготовки се комплетни, одлучив кој ќе стартува од првата минута. Гледавме многу видеа и индивидуални статистики, се надевам дека добро сме подготвени. Верувам дека можеме да имаме добар перформанс. Ова не е финале, туку четвртфинале. Сакаме да бидеме меѓу четирите најдобри, а и Шпанија сака да биде шампион. Двата тима се добри во посед и имаат добар пресинг. И ние и тие знаеме да го ставиме ривалот под притисок. Ќе биде важно утре да ги решиме ситуациите „еден на еден“. Ова без сомнеж е еден од најважните натпревари. И покрај тоа, подготовките беа идентични како претходно“, изјави Нагелсман.
Пресметката на Шпанија и Германија се игра на „МХП Арената“ во Штутгарт во терминот од 18:00 часот.