
Ерменија и Азербејџан повторно се обвинија едни други за кршење на примирјето постигнато со посредство на САД во едномесечните борби во регионот Нагорно Карабах.
„Би сакал да констатирам дека напорите на меѓународната заедница, овој пат со посредство на Соединетите држави, за воспоставување на прекин на огнот, пропаднаа. Како резултат на континуираното гранатирање од страна на Азербејџан, цивили беа убиени и ранети денес во Арачак“, објави денеска ерменскиот премиер Никол Пашинијан на Твитер.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Азербејџан денеска тврди дека Ерменија е таа која не успеала да го испочитува хуманитарниот прекин на огнот.
“Ерменските вооружени сили во текот на денот на 26 октомври и преку ноќ кон 27 октомври со разни оружја пукаа кон позициите на единиците на азербејџанската армија во различни насоки на фронтот и кон нашите населби во близина на фронтот. Борбите продолжија главно во насоките на фронтот на Хоџавенд , Физули и Губадли“, се вели во соопштението на Министерството, додавајќи дека азербејџанските сили се бореле против нападите.