Награда 11 Октомври за композиторот на филмската музика од Тетовирање

Композиторот Љупчо Константинов е овогодишниот добитник на државната награда „11 Октомври“ за 2023 година. Наградата се доделува за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности. Како што претходно соопшти Министерството за култура, Константинов бил предложен од страна на Сојузот на композитори на Македонија.
На свеченоста на доделувањето на наградата во Собранието, композиторот им се заблагодари на сите негови соработници. „Патот до тука не беше лесен, тој беше трнлив и послан со стотици табаци испишана нотна хартија и илјадници часови поминати низ музичките студија“, кажа Константинов. Тој во долгогодишната кариера има компонирано голем број дела за потребите на театарот и програмите на радиото и телевизијата. Најзапаметен е по филмската музика, како автор на музиката за филмовите „Среќна Нова ‘49“, „Македонска сага“, Тетовирање“, „Јужна патека“ и други.