Најавени протести, ССМ: „Не се живее со 15.200 денари!“

Нема договор помеѓу Владата и синдикатите за зголемување на минималецот на 18 илјади денари. Нов обид за договор ќе има во среда на мешовитиот совет во кој членуваат претставници на Владата, работодавачите и синдикатите.
Синдикалците велат дека тоа ќе биде последна шанса. Ако не им се исполни барањето, тогаш ќе се активираат штрајкови на работни места, ќе има протести и блокирање на крстосници и фабрики. По состанокот, кој ќе се одржи во Владата, од Сојузот на синдикатите остануваат на ставот дека со сегашната минимална плата, граѓаните не можат да си ги подмират сметките.
„…Со 15.200 нека повелат социјалните партнери нека живеат и нека си ги платат сметките во тековниот месец февруари “,- вели Дарко Димовски- Претседател на Сојуз на синдикати.
Од Владата одговорија дека е неопходно минималната плата да расте, но пред тоа требало да се согласат трите страни.
„…Решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати,” велат од Влада.
Според податоците на синдикатот, во земјава минимална плата која во моментов изнесува 15.200 денари, земаат повеќе од 100 илјади граѓани.
Андреа Чобанова