Најавениот раст на минималната плата, ќе ги изедначи платите во многу сектори
Најавениот раст на минималната плата, ќе ги изедначи платите во многу сектори

Најавениот раст на минималната плата на пролет ќе ги изедначи платите во многу дејности. Минималецот треба во март да изнесува нешто над 21 илјади денари, па според проценките вработени од различни професии со различни професии и тежина на работата ќе имаат приближно иста плата. За да не се случи тоа и да има револт кај работниците, потребно е тој раст да го следат и останатите плати. Власта вели дека тука не може да реагира, и тоа го остава на договор помеѓу работодавачот и вработениот.
„Не смее да има плата пониска од минималната плата, се останато е договор помеѓу работодавачот и работникот“, рече Јована Тренчевска министерка за труд и социјална политика.
Во Законот за минимална плата постои член 8а кој вели дека во рок од шест месеци работодавачите се должни да ги зголемат и останатите плати по зголемувањето на минималната, но министерката Тренчевска вели дека тој член важел само во 2012 та кога било донесено законското решение, и повеќе не. Професорот по трудово право Лазар Јовевски, за Алсат вели дека лесно може да се променат правилата на игра, доколку властите оценуваат дека повеќе законското решение повеќе не важи. Законодавците мора да превземат нешто за да не настане хаос во приватниот сектор, додава професот.
„Гледајте ја содржината на тој член 8, на што се однесува тој. И ако така го толкуваме навистина мислам дека… дали сакаме да го слушнеме тоа што нам ни одговара, или да ја слушнеме вистината“, изјави Лазар Јовевски универзитетски професор.
Приватниот сектор е дециден, дека нема проблем да ја зголеми минималната плата, но потешкотии ќе има да обезбеди средства за останатите плати.
„Разликата помеѓу оние кои што работат за минимална плата и првиот следен станува премногу мала, и сега треба и на следниот да ја зголемите платата и на следниот, па и на следниот и тоа веќе трошоците ги прави многу поголеми на компаниите од тие за минималната плата“, додаде Зоран Јовановски Стопанска комора.
Синдикатот пак смета дека растот на минималецот во март е всушност само порамнување на средствата во домашниот буџет согласно високата инфлација во Македонија. Не само минималната, синдикалците апелираат дека сите плати треба да пораснат значително повеќе за да се врати куповната моќ на работниците./Алсат.мк
Иле Петрески