Најголемите компании бараат да бидат дел од сетот мерки за помош

Десетте најголеми компании од земјава кои трошат 20 отсто од струјата во Македонија бараат и за нив да има антикризни мерки во пакетот помош за справување со енергетската криза. До следниот вторник овие компании имаат рок да го достават списокот со барања до владата, а конечниот пакет на помош ќе биде објавен на 28 септември.
„Имаме ние шест компании кои се на отворен пазар, од тие десет. Тие се групирани и може да набавуваат од каде сакаат, но денеска изразија желба да формулираат определени барања кои ќе се разгледаат бидејќи се од значаен капацитет за македонската економија. Растот на цените на сметките за струја се зголемени од четири до шест пати“, вели Бранко Азески претседател на Стопанската комора.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека Владата прави напори да им помогне на сите компании кои се погодени од енергетската криза. Тој вели само на тој начин ќе се оддржи ликвидноста и нема да им се намали конкурентноста со компаниите од регионов. Според Бектеши со соседните земји не се разговара само за количните туку и за цената.
„Не зборуваме само за обезбедување на количини на електрична енергија, бидејќи тие количини ги има од увоз. И не е проблем делот на количините, проблем е делот на цената со кој ние сакаме да го решиме билатерално со нашите соседи и тоа да биде за целата грејна сезона“, вели Бектеши.
Според информациите, работната група од Македонија утре со своите колеги од Бугарија ќе треба да ја договорат цената на електричната енергија која треба да заврши во стопанството во земјава.
Иле Петревски