
Најмалку 22 лица, од кои 15 деца, се загинати во израелски напад врз училиште што се користело како засолниште во центарот на Газа, пренесува Би-би-си повикувајќи се на информации од локалната цивилна одбрана.
Агенцијата за цивилна одбрана управувана од Хамас соопшти дека во училиштето, кое било претворено во засолниште за раселените Палестинци во кампот Нусејрат, уште 80 лица биле повредени.
„Училиштето беше бомбардирано од израелска артилерија, при што загинаа 15 лица, меѓу кои деца, жени и цели семејства, а над 50 беа повредени“, изјави портпаролот на организацијата Махмуд Басал.
Израелската војска, според Би-би-си, нема коментар за ваквите информации, но претходно соопштила дека Хамас користи цивилни засолништа како воени бази.
Израелската војска редовно го обвинува Хамас дека се крие во училишните згради каде што илјадници жители на Газа побарале засолниште, обвинение кое палестинското исламистичко движење го негира.
Во меѓувреме, медицинскиот персонал соопшти дека во одделен напад врз болницата „Ал-акса“ во центарот на Газа загинале четири лица, а 40 други се ранети.
Израел вели дека болницата била користена како команден центар од милитантите на Хамас, што групата го негира.