Најмалку 450 Авганистанци ќе останат во Македонија на неодредено време

Пристигнувањето на првата група авганистански државјани за кои нашата земја доброволно понуди засолниште се очекува во петок. За нивниот транспорт ќе се погрижат САД и меѓународните организации во кои овие лица работеле. Денеска се зборува за уште 50 авганистански државјани, со што бројот на оние кои треба да ги пречекаме се искачи на 450. Прво во земјата ќе пристигнат авганистански државјани за кои Министерството за внатрешни работи ги завршило потребните верификации. Министерот за надворешни работи, кој е дел од оваа група, за Алсат изјави дека авганистанските граѓани привремено ќе останат со нас, но никој не знае колку време.
„Одлуката главно е да бидат локален персонал на меѓународни организации лоцирани во Кабул. Тоа се активисти за човекови права, новинари, студенти, деца и семејства на вработени во американската војска или други меѓународни организации. Tука ќе останат привремено додека не ја договорат документацијата за нивната крајна дестинација, главно Соединетите Американски Држави. Тоа е прашање на недели бидејќи апликацијата за виза е до 60 дена, но како ќе се процесира документацијата за нивната конечна дестинација, тоа не можам да кажам.“
Институциите додаваат дека социјалната интеграција на овие луѓе ќе се одвива сè додека тие се во нашата земја. Ќе бидат сместени во неколку хотели.
„Има околу 6 или 7 хотели со кои е постигнат договор. Договорот го постигнаа меѓународните организации каде што беа ангажирани, што значи дека трошоците за нив ќе бидат покриени од овие меѓународни организации, но доколку е потребно, тука ќе помогне и државата, бидејќи ние доброволно одлучивме да им помогнеме на овие цивили.“
Бројот на авганистански државјани кои привремено би се засолниле во Македонија може да се зголемува во наредните денови, во зависност од барањата што ќе дојдат од меѓународните организации. Хелсиншкиот комитет апелираше до политичарите да не ја користат авганистанската криза за одредени политички цели и да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните, сега кога земјата е на прагот на локалните избори.
Evi Shkopi