
Билансот на загинати во пожарите кои од вторникот беснеат во округот на Лос Анџелес се искачи на најмалку пет лица, а огнената стихија и понатаму се шири и зафаќа површина од десетици илјади хектари, јавуваат светските медиуми.
Во моментов надлежните се борат со шест пожари, од кои најновиот кој избувна е во Холивуд Хилс, на само неколку стотина метри од познатиот Холивуд булевар, што иницираше нова наредба за евакуција на засегнатите жители.
Најголемите и најразорните пожари што ја зафатија Калифорнија и градот Лос Анџелес се во луксузната област Пацифик Палисејдс, каде според „Гардијан“ гори површина од 15 832 хектари, како и областа Итон, каде се зафатени 10 600 хектари.
Ширењето на пожарите во Харст и Холивуд Хилс, предизвикува загриженост кај жители на Лос Анџелес каде е издадена наредба за евакуација на речиси 100 000 луѓе, бројка која постојано се менува. Дополнително, шумски пожар има и во областа Вентура.
Во пожарите што од вторникот беснеат во сојузната држава Калифорнија досега се уништени околу 1 500 објекти.
Поради ситуацијата сите училишта во училишната област во Лос Анџелес од денеска ќе бидат затворени.