Наместо зимски и ниски, во новава година температурите како за пролет

Високите температури во среде зима негативно влијаат на човековото здравје, велат специјалистите со кои поразговаравме. Организмот не е прилагоден за големи температурни разлики и затоа се зачестени нападите од разни вирози.
„Овие температурни им годат на разни банални вируси така што деновиве има зголемен број на пациенти – деца со високи температури. Секако не се работи за ковид-19, се работи за оние банални вирусни инфекции и поединечни бактериски инфекции што ги имаме секогаш во овој период на годината“, рече д-р Ратко Давидовски – специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека по неколкуте сончеви новогодишни денови, од утре не очекува влажен бран со врнежи.
„Во текот на утрешниот ден веќе од изутрина ќе има врнежи од дожд. Само на планините овие врнежи ќе бидат од снег. Утре ќе дува слаб до умерен претежно јужен ветер, а и во деновите потоа ќе останеме под влијание на овој јужен ветер. Температурите наутро ќе бидат позитивни до вторник, малку посвежо утро ќе има во среда“, рече Борис Секирарски – УХМР.
Поради ваквите временски осцилации, лекарите препорачуваат соодветна облека при престој во природа, балансирана исхрана и топли напитоци.
Алсат