ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Тројца напаѓачи синоќа во угостителски објект го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Информацијата првично ја објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „Бугарија он ер“, наведувајќи дека за ова веќе контактирал и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во центарот за култура. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани“, изјави Ковачев.

Според него, состојбата на претепаниот секретар не е добра и вели дека има сериозни физички, но и психички повреди.

Случајот го потврди и МВР од каде што велат дека според пријавата инцидентот започнал во угостителски објект во Охрид, а потоа и надвор од објектот. Секретарот бил пренесен во охридската болница каде што му констатирале тешки телесни повреди.

„На 19.01.2023 околу 22:30 часот во Охрид е пријавен физички напад врз Х.П. (21) од Охрид од страна на С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што на Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј ’Македонија‘ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид“, велат од МВР.

За случајот е известен и јавен обвинител кој заедно со СВР Охрид презема мерки за негово расчистување, по што ќе има и пријава.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button