
Косовската полиција употреби солзавец и шок бомби за да ги растера насобраните граѓани пред општинскиот објект во Звечан. Во меѓувреме изгореа и полициски автомобили. На влезот и на излезот од Лепосавиќ на среде коловозите беа паркирани неколку камиони.
Претходно, косовската полиција соопшти дека им помага на новите градоначалници на северните општини да влезат во официјалните објекти на соодветните општини. Полицијата веќе влезе во објектот на општина Звечан. Во Зубин Поток ситуацијата во моментов е мирна, истото се известува и за состојбата во Лепосавиќ.
Косовските власти ги обвинија српските „криминални и нелегални структури“ за ескалација на ситуацијата. „Насилството нема да надвладее. Србија сноси целосна одговорност за ескалацијата“, напиша на Твитер Блерим Вела, шеф на кабинетот на претседателот Вјоса Османи. Реакцијата на Белград беше експресна. Српскиот претседател Александар Вучиќ даде наредба борбената готовност на српската војска да се подигне на највисоко ниво.
Новите градоначалници на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток вчера положија заклетва, со што ја презедоа локалната власт во овие три општини со српско мнозинство на северот на Косово. Локалните избори на северот на Косово се одржаа на 23 април, по оставките на градоначалниците од редовите на Српската листа. Оваа партија се спротивстави на одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички.