
Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, им се извини на своите соиграчи и на навивачите на клубот за елиминацијата од Баер Леверкузен со 0-1 во осминафиналето од Купот на Германија. 38-годишниот голман доби директен црвен картон за прекршок над Џереми Фримпонг надвор од шеснаесетникот во 17. минута, оставајќи го својот тим со играч помалку речиси целиот натпревар.
„Црвениот картон го реши натпреварот. Тоа нѐ повреди и ми е жал“, изјави Нојер по натпреварот. „Ова дефинитивно е големо разочарување. Не беше лесно по црвениот картон. Момците дадоа сѐ од себе и вложија многу, не можеме да ги обвинуваме. Се извинив на тимот.“
Ова беше прв црвен картон во одличната кариера на Нојер.
„Не сакав да го повредам Фримпонг, се обидов да ја земам топката, но не стигнав навреме. Се надевав дека тој ќе биде во офсајд. Сега не можам да го сменам тоа. Ова беше грешка и морам да ја прифатам, за жал, немам друг избор.“
Подоцна, Нојер објави дополнително извинување на социјалните мрежи.
„Ова е тежок момент. За жал, реагирав премногу доцна во ситуацијата кога сакав да помогнам. По црвениот картон беше екстремно тешко за момците да играат со играч помалку, но тие навистина дадоа сѐ од себе. Жал ми е“, истакна Нојер.