Наредните недели СДСМ ќе ја урива блокадата на ВМРО!

По вчерашната пленарна седница за потребата на отворање на Уставот, на која пратениците од опозицијата гласаа „против“ дневниот ред, од СДСМ го поистоветија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со неговиот претходник во партиската фотелја Никола Груевски. Тие истакнаа дека чинот на гласањето „против“ потсетува на постапките на партијата од периодот на зачленувањето во НАТО. Според социјалдемократите, на собраниската седница се докажало дека единствената идеологија на ДПМНЕ и Левица биле блокади и одолговлекувања.
„Неодговорноста и немањето државнички капацитет на ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја одврати, ниту да ја обесхрабри проевропската коалиција предводена од СДСМ. Како одговорна, државотворна партија ќе направиме сѐ за да ја пробиеме блокадата во наредните недели. Се работи за иднината на државата“, рече Ненад Коциќ – пратеник на СДСМ.
Вчера дневниот ред беше усвоен со 70 гласови „за“ и 47 „против“. Претставници на власта претходно истакна дека им недостасуваат осум пратеници до двотретинско мнозинство, а не десет. Еден од пратениците на СДСМ, Диме Велковски воопшто не беше присутен во салата, а за друг пратеник од власта образложението беше дека не му работело копчето. Инаку, по ваквиот исход од гласањето, премиерот Димитар Ковачевски обвини дека станало „кристално јасно кој навистина сака Северна Македонија да стане просперитетна држава, земја-членка на ЕУ, а кој сака да ја блокира европската иднина на државата“ и прстот го впери кон ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека проевропската коалиција, како што вели, нема намера да подлегне на вакво неодговорно и недржавничко однесување и ќе направи сѐ да ја тргне блокадата и да обезбеди мнозинство.
Вчера спикерот Талат Џафери, по исцрпувањето на листата на пријавени за збор, ја прекина седницата и кажа дека дополнително ќе бидат информирани пратениците за нејзиното продолжение. Се очекува продолжението да биде закажано во моментот кога власта би обезбедила 80 пратенички гласа, а единствено што преостана, бидејќи расправата е завршена, е чинот на гласање на потребата за отворање на Уставот, за што е предвидено двотретинско мнозинство.
Лука Андреев