
Банкарскиот систем има капацитет да се справи со евентуалните шокови, а истовремено и да му пружи солидна кредитна поддршка на реалниот сектор. Ова било посочено на средбата меѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, на која присуствувал и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Максимилијано Паолучи, соопштуваат од Народна банка.
Во соопштението се наведува дека Народната банка води приспособлива монетарна политика, внимателно ги следи движењата и прави анализи за преземање мерки коишто ќе овозможат балансирање на ефектите од сѐ повисоките цени, со потребата од одржување соодветна поддршка на економијата.