ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Народна банка: Економскиот раст 2,3 отсто, инфлацијата 3,5 проценти

Забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските согледувања, предвидува Народната банка. Според есенските макроекономски проекции, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3 отсто, а за наредната на 3,3 проценти. На среден рок, оцените за растот се непроменети. Во периодот 2026 ‒ 2027 година се очекува натамошно забрзување на растот, согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.

Advertisements

Како што соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2 отсто при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button