Насер Нуредини од ДУИ си оди, Каја Шукова – кандидатка на СДСМ за министерка за животна средина

Со реконструкцијата на Владата и ротацијата на ресори поради влезот на Алијанса за Албанците, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе му припадне на СДСМ, дознава „360 степени“. Заминува досегашниот шеф во овој ресор Насер Нуредини, кадар на ДУИ, а за нова министерка за животна средина ќе биде предложена Каја Шукова, актуелна државна секретарка во овој ресор.
Меѓу кандидатите за ова место се споменуваше Пеце Мирчевски, директор на владината Служба за општи и заеднички работи, но изборот на крајот паднал на Шукова.
Шукова во ресорот е од 1998 година во тогашното Министерство за градежништво, урбанизам и животна средина, во 1999 година работи во одделението за екоменаџмент, во 2000 г. е дел од Секторот за меѓународна соработка, истата година доаѓа во Секторот за одржлив развој, а во 2001 година е и негов раководител и на таа позиција останува до 2020 г. Потоа е назначена за државна секретарка. Таа е дипломиран инженер технолог на Технолошко–металуршкиот факултет Скопје.