Насер Зибери се заколна за омбудсман – иако се тркаше за премиер на ДУИ, ќе работел за граѓаните

Насер Зибери положи заклетва во Собранието за неговата нова позиција како народен правобранител. По заклетвата, Зибери изјави дека фокусот ќе биде ставен на враќање на довербата на граѓаните во оваа институција. Тој рече дека преземената задача ќе ја врши професионално и нема да биде во служба на политиката.
„Мојот избор за народен правобранител не претставува компензација за моето минато, напротив, моите заложби на сите претходни полиња се целосна гаранција дека тие ќе бидат во функција на законското и уставното извршување на должноста народен правобранител, функција која е исклучително важна за граѓаните на земјата. Како набљудувач на политичките настани, бев критичен кога требаше да се критикува, бев поддржувач кога требаше да поддржам одредени одлуки и тоа ме прави кредибилен да не бидам во служба на власта, туку на граѓаните.“
Сепак, на неговиот прв ден како народен правобранител, Зибери наиде на остри реакции од албанската опозиција. Од младинскиот форум на Алијансата за Албанците поставија симболични постери со кои канцеларијата на Народниот правобранител ја преименуваа во канцеларија на правобранителот на ДУИ и Владата.
„Факт е дека Насер Зибери не е независен, па затоа тој нема да може да ги брани правата на граѓаните наспроти оваа власт, што значи дека тој не е и не може никогаш да биде народен правобранител. Затоа денеска, на денот на неговата инаугурација, симболично одлучивме да ја преименуваме канцеларијата на народниот правобранител, како што заслужува и како што навистина ќе биде, канцеларија на правобранителот на ДУИ, односно на Владата.“
Опозицијата Алијанса-Алтернатива исто така поднесе иницијатива за разгледување на уставноста за изборот на Зибери. Адвокатот Абидин Абдули рече дека иницијативата се повикува на членот 3 од Законот за народен правобранител во кој се вели дека народниот правобранител е независен во своето функционирање.
„Граѓаните кои имаат потреба да се обратат до Народниот правобранител, обично нивните жалби се против државните институции. Со оглед на тоа дека тој учествуваше во кампањата заедно со претставниците на ДУИ, се поставува прашањето како тие ќе ги разгледуваат случаите на граѓаните против институциите со кои управуваат министри или директори од оваа политичка партија?“
Зибери минатата недела во Собранието беше избран за правобранител со поддршка само од владејачките партии.
Mefail Ismaili