Нашата економија зависи од Германија, а нејзе ѝ тропа рецесија
Нашата економија зависи од Германија, а нејзе ѝ тропа рецесија

Актуелните геополитички случувања може неповолно да се одразат на помалку развиените економии. Ова е ставот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежовска, што го истакна на дебатата посветена на долгорочните макроекономски предизвици наспроти геополитичките тензии. Клучни ризици за периодот што следи и натаму се трошоците за живеење и климатските промени. Ваквите проблеми во економиите можат сериозно да ги погодат земјите во развој, каква што е и Македонија, бидејќи ефектите од моменталните кризи се поизразени кај малите економии кои се зависни од поголемите во поглед на трговијата и технологијата.
„Овие движења на глобално ниво се релевантни за економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа каде слободното движење на стоки, финансии, технологии и знаење се движечката сила на економскиот раст“, рече Анита Ангеловска Бежоска, Гувернерка на Народната банка.
Економистите веќе истакнаа дека економијата на земјава годинава многу ќе зависи од тоа како ќе се движи економската активност на Германија, која е главен пазар за нашите производи. Засега се предвидува дека најмоќната европска економија во второто тромесечје од годинава ќе влезе во рецесија.
„Светот влегува во една глобална рецесија. Ние со тоа мораме да се соочиме. И сега ни се наплатуваат сметките на десетина години вбризгување на ликвидност која не се одработи. Во 2020 година Владата направи, метафорички кажано – инфузија за стопанството и тоа неколку пати во ‘локдаунот’, ние претприемачите добивме помош, ама не ја одработивме“, изјави Синиша Наумовски економист.
Владината проекција за економскиот раст за годинава е проектиран на 2,9 отсто. Според Светска банка глобалната економија годинава ќе испорача раст од само 1,7 отсто. Она што треба да се потенцира е дека оваа меѓународна финансиска институција пред половина година проектираше речиси двојно поголем раст на светската економија, но тоа нема да се случи./Алсат.мк
Иле Петрески