Наскоро модул за да се спречат злоупотреби на етничката припадност при вработувањата
Наскоро модул за да се спречат злоупотреби на етничката припадност при вработувањата

Државниот завод за статистика продолжува да молчи за скандалот со злоупотреба на етничката припадност на последниот конкурс на оваа институција. Ниту денеска не добивме одговор од Агенцијата за статистика дали презеле чекори за евидентираната злоупотреба или не. Покрај двајцата вработени со турска националност кои беа сместени на работните места предвидени за Албанци, денеска Алсат откри уште еден случај од истиот конкурс. Во секторот за индустрија и градежништво, на местото на Турчин, предвидено со балансерот, е ангажирана Македонка, по име Верица Динова.
Во меѓувреме од Министерството за информатичко општество и администрација, велат дека во моментов нема механизми за спречување на ваквите злоупотреби но најавуваат модулкои ќе ги оневозможи. . Министерот Адмирим Халити, вели дека неговиот ресор работи на создавање на модул преку кој ќе биде невозможно да се злоупотреби механизмот за балансирање при вработување. За ова, според него, има поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби.
„Ние како министерство ги следиме сите проблеми кои се јавуваат при спроведувањето на Законот за вработени во јавниот сектор, и Законот за административни службеници и ги откриваме и решаваме преку нови законски решенија, сега креираме модул на платформата на Агенцијата за администрација со кој нема да може да се промени етничката припадност на кандидатот. Овој модул е во согласност со неспорното право на слободно изразување на националната припадност загарантирано со Уставот“, изјави Адмирим Халити, министер за информатичко општество и администрација.
Алсат вчераги објави решенијата од последниот конкурс на Државната агенција за статистика, кој заврши на 29 декември минатата година. Во решенијата потпишани од директорот на оваа институција, Апостол Симовски, се забележува дека наместо двајца Албанци, биле вработени двајца Турци. Сомневањата се дека ова се случило како резултат на лажното декларирање на етничката припадност од страна на кандидатите, иако тоа не е официјално потврдено или демантирано од Заводот за статистика.
Адријан Керими