Наскоро можно е проширување на истрагата за „Беса транс“
Наскоро можно е проширување на истрагата за „Беса транс“

Обвинителството за организиран криминал ја проширува истрагата за случајот „Беса Транс“. За Алсат ова го потврдуваат доверливи извори од обвинителството, кои сакаат да останат анонимни поради чувствителноста на информациите. Извори од истражниот тим велат дека се работи во неколку насоки, а осомничени се службеници и поранешни раководни структури во Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски.
Неофицијално се дознава дека обвинителството веќе детектирало одговорност за одредени лица, но се работи на дополнително утврдување на мотивите и можните финансиски интереси за издавање и фалсификување на лиценци, можноста за премин на граница без контроли и формално спроведени технички прегледи. Во оваа организирана структура, најмалку три лица се наоѓаат во фокусот на обвинителството како главни осомничени за трагичната несреќа од ноември 2021 година.
Во моментов, случајот „Беса Транс“ е во фаза на повторно судење, откако Апелациониот суд во декември минатата година ја врати постапката на повторно разгледување. Обвинет е сопственикот на компанијата „Беса Транс“, Беким Хаџиу, додека неговата фирма беше казнета со 800.000 денари.
Фаталната несреќа се случи на 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, кога автобус на „Беса Транс“ кој се враќал од Истанбул со туристи, се удри во оградата на автопатот Струма, во близина на бугарското село Боснек. Меѓу 45-те загинати имаше 12 деца, додека 7 лица преживеаја.
Парламентарното мнозинство најави дека за оваа несреќа и другите трагедии во последниве неколку години, наскоро во Собранието ќе се формира Анкетна комисија./Алсат.мк