Наскоро владата би требало да го донесе моделот за прочистување на судството

На истекот на 100 – те дена од формирањето на новата влада, се уште не е готов моделот за прочистување на судството. Министерот за правда, Бојан Маричиќ уверува дека набрзо ќе ја презентираат стратегијата како судството ќе се проветри. Посочи дека од 2019 – та година, разрешени се осум судии, а за 83 е отворена постапка.
„Работиме на тоа, заедно со методологијата за сложеност на предметите, да биде усвоено во многу скоро време, наредните денови, недели, секако во соработка со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи секако тоа е пред се нивна должност и нивна обврска“, вели Бојан Маричиќ, Министер за правда.
Маричиќ вели дека на концептот за проветрување работат членови од Судскиот совет и Советот на обвинители, но и посебни експерти. Место во судница според министерот за правда, нема за судии кои не работат професионално и за оние кои намерно ги застаруваат предметите.
„Во однос на тоа што точно значи прочистувањето, она што е наша идеја, тоа е да има една редовна динамична проверка на работата и на судиите и на обвинителите која во рамки на постоечкиот Закон ќе овозможи зајакната транспарентност“, додава Маричиќ.
Прочистувањето на судството од корумпирани судии е старо колку и владата на СДСМ. Партијата која дојде на власт во 2017 – та година, најавуваше целосен ветинг во судството. Но, идејата не помина и беше оценета како лоша од Европската Унија. Последниот модел беше – проветрување на судството, концепт кој го најави министерот за правда, уште кога се формираше владата во август годинава.
Бојан Стојановски