Наставниците и родителите со поддршка за пролетниот распуст

Официјално, 1 септември останува датумот на почеток на новата учебна 2023-2024 година, но со мали промени. Како што одлучи Владата, иновација е пролетниот распуст од 29 април до 6 мај и крајот на учебната година на 17 јуни 2024 година. Според министерот Јетон Шаќири, овие измени се направени со цел да се зголеми продуктивноста на учениците и наставниците.
„Паузата во пролетните месеци произлезе од дискусија со наставниците и е како помош за педагошката страна на учениците, но и на наставниците“, рече Шаќири.
Дел од наставниците во основнотото образование позитивно ги прифатија овие измени. Како што велат, најмногу уморот кај учениците се забележува во месец април кога и нивните ангажмани се најголеми.
„Покажуваат замор во април кога температурите растат и повеќе се оптоваруваат со контролни задачи или како што ги нарекуваме тестови и вреди да се има краток одмор. Сигурно би било добро да се одморат, да добијат енергија да продолжат со нови сили“, рече Фадил Ебипи, наставник.
Првото полугодие ќе заврши на 29 декември, додека второто полугодие ќе започне на 22 јануари 2024 година. Министерството за образование имаше подготвено пет предлози за почеток на учебната година, од кои во два беше и пролетниот распуст. Според Министерството за образование, неопходно е наставниот процес да се реализира во 180 работни дена, како што е предвидено во наставниот календар за основните и средните училишта. Во овој случај се исклучени матурантите кои според наставниот календар треба да имаат 166 дена наставен процес. Покрај позитивните оценки, одлуката за учебната година наиде на критики и од одредени луѓе кои оценуваат дека не биле консултирани наставниците и родителите за продолжување на наставата и пролетниот распуст.
Мелихате Рустеми