Наствникот кој нападна ученик бил син на директорот на школото

Алтин Јахиу, ученик во деветто одделение во основното училиште „25 Мај“ во Сингелиќ, тврди дека бил физички нападнат од наставникот по физичко, кој според него е и син на директорот на училиштето, Фадил Муртезани. Како што рече Јахиу, инцидентот се случил на часот по физичко, во вторникот, 7 февруари, во првата смена.
„Бев со пријател и другарка седевме, а двајца други другари си играа со пластична топка. Ненамерно, топката удри во нозете на наставникот и праша кој го направи тоа. Му реков дека не го направив јас, не ме послуша и почна со другите, ги извади надвор, на едниот му удри шлаканица по тилот, мене ме фати одзади и ме турна, ми го наведна вратот и ме фати за гуша, ми рече да одиме кај директорот. Му реков жал ми е, но не го направив јас. Ми рече оди, ти си животно, што не кажа. Во ходникот и ме влечеше и ме навредуваше“, вели еден ученик.
Насер Јахиу, вујкото на ученикот рече дека случајот веќе го пријавил во полиција. Но, тој е револтиран зошто управата на училиштето не го известила семејството или полицијата за овој инцидент.
„Ми рекоа да го пратам на неврохирург затоа што тие знаат што треба. Лигаментите се малку оштетени од ударите, констатирал лекарот. Потоа отидов во полиција и го пријавив случајот, и тие беа изненадени. Училиштето не презело ништо. Директорот му рекол на момчето дека ќе го извести родителот, но тој не се јавил. Требаше да се јави директорот, не случајно во секоја институција ги бараат телефонските броеви од родителите, само за овие случаи“, рече Насер Јахиу, чичко на ученикот.
Алсат се обиде да стапи во контакт со директорот на училиштето. Покрај тоа што чекавме еден час во училиштето „25 Мај“, му испративме неколку пораки и му се јавувавме, тој остана недостапен. Подоцна во кратка порака што ни ја испрати, директорот побара инцидентот да не биде вест.
Нападот врз ученикот е евидентиран и во дневниот полициски билтен, каде е забележано дека на 09.02.2023 година во 11:00 часот во Полициската станица Гази Баба, Н.Ј.(51) пријавил дека на 07.02.2023 година околу 11:00 часот неговиот малолетен внук бил физички нападнат од наставник во основно училиште во регионот Гази Баба. Во врска со случајот, на 08.02.2023 година во 22:40 часот од клиниката „Свети Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив бил донесен малолетник кој бил физички нападнат од наставник. Според полицијата, се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Мелихате Рустеми