Нацрт-извештај на ЕП: Целосна поддршка на амбицијата на земјава за членство во ЕУ, но и повик за спроведување на уставните измени

Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласувањето со нејзините политики, па Европскиот парламент повикува на брз напредок во пристапните преговори, но истовремено ја истакнува и важноста од усвојување на договорените уставни амандмани, се наведува во Нацрт-извештајот на известувачот на Комитетот на надворешни работи на ЕП (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц, во кој увид имаше МИА.
– (Европскиот парламент) ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, кои би го зајакнале мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзале нејзиниот напредок кон членство во ЕУ, се наведува во текстот на нацрт-извештајот, што денеска ќе биде презентиран пред членовите на Комитетот.
На предложениот текст на овој извештај европратениците имаат право на амандмани, па конечната негова верзија, што би требало да биде усвоена во мај, би можела да претрпи извесни измени.
Во извештајот се повторува целосната поддршка на ЕП на амбицијата на Северна Македонија да се приклучи на ЕУ и се потсетува на потребата да се задржи моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција.
Во Нацрт-извештајот се повикува земјава да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.