ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

(Не)постигнувањата на новата Влада во 100 дена

(Не)постигнувањата на новата Влада во 100 дена

Дестабилизацијата, балансерот, Законот за јазиците, реформата на Судскиот совет, зголемувањето на пензиите и многу други прашања беа во фокусот на партнерите ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во првите 3 месеци владеење. Владата, предводена од Христијан Мицкоски, најави длабоки реформи и враќање на довербата на граѓаните во институциите, но и бескомпромисна борба против корупцијата, но резултатите засега се само најава.
Меѓуетничките односи беа главната оска во политичкиот амбиент од овој период, околу кој се вртеа голем број прашања. На врвот е несомнено, речиси секојдневното предупредување од премиерот за дестабилизација на државата, кое завршуваше со реченицата дека граѓаните не треба да се плашат за безбедноста на земјата.
Индикациите, според премиерот, биле дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата со цел да го заштити богатството стекнато на криминален начин. Ова се однесуваше на најавите на ДУИ дека ќе протестираат за да го заштитат легитимитетот на албанскиот народ, бидејќи според партијата на Ахмети, ВЛЕН е вклучен во владата иако е губитник на изборите во албанскиот политички табор.
Владата никогаш не објасни како ќе се реализира дестабилизацијата, која почна да личи на алиби. Така, низа скандали и настани, особено од етнички карактер, се карактеризраа како обид за дестабилизација..
Обид за дестабилизација беше наречен инцидентот со претседателката на Косово, Вјоса Османи но и протестите во Врапчиште за црквата во Галате. Како дел од најавената дестабилизација, е и иницијативата за усвојување на законот за бранители на што остро се спротивстави албанскиот политички фактор.
Истата реторика на премиерот ја следеше и коалицијата ВЛЕН , за најавите дека Законот за употреба на јазиците ќе се стави на Уставен на разгледување како и иницијативата за укинување на балансерот.
„Дестабилизација“ беше и таблата на граничниот премин Блаце, на која немаше напис на албански јазик и за кој се крена голема врева.
Опозицијата се сомневаше во сериозноста на предупредувањето на премиерот за дестабилизација и предложи претседателката Гордана Силјановска Давкова да свика Совет за безбедност, но претседателката која беше избрана од партијата ВМРО-ДПМНЕ, не го свика.
Не е изненадувачки што Владата не го нарече дестабилизирачки и скандалот со патувањето на Африм Гаши и неговото семејство со службен автомобил и обезбедување на свадба во Косово, придружуван од други приватни автомобили.
Етничка обоеност му беше дадена и на случајот на Блерим Рамадани, поранешен војник на ОВК, кој беше уапсен од државните власти по налогот за апсење издаден од Интрепол-Србија под сомнение дека извршил злосторства за време на војната во Косово во 1999 година. Рамадани избега од земјата додека чекаше судска одлука.
Прашањето, од судските палати се пренесе во партиските штабови. Македонската опозиција ги обвини властите дека намерно го пуштиле да избега, додека властите го обвинија судот дека го заменил ефективниот со домашен притвор . Поради ова ВМРО-ДПМНЕ неколку дена бараше одговорност од судијата Пајазит Пајазити, кого премиерот го нарече посакуван судија на СДСМ и ДУИ. Желбата на премиерот ја слушнаа од Судскиот совет и отворија предмети што е основа за разешување од функцијата.
Кога станува збор за правдата, реформите во областа со најниска доверба на граѓаните во државата беа меѓу главните теми, но не видовме ништо конкретно.
Премиерот постојано инсистира на распуштање на Судскиот и Обвинителскиот совет со образложение дека тие го изгубиле кредибилитетот. Но, ова не беше поздравено ниту од меѓународниот фактор, ниту од домашните експерти, со образложение дека ова е директно мешање на извршната власт во судството. Како резултат на тоа, голем дел од реформите се на крстопат.
Во областа на борбата против корупцијата, Владата најави формирање на посебно тело и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат корупција или девијантно однесување во институциите, со цел казнување на сторителите на овие дела и менување на перцепцијата на граѓаните дека живеат во криминална држава. Експертите за оваа идеја потенцираа дека не е потребна во услови кога покрај државните институции постои и законска рамка за пријавувачите.
Во однос на надворешната политика, земјата не направи поместување. Владата нема никаков сериозен пристап кон очекуваните уставни измени, од кои зависи процесот на интеграција на земјата во Европската унија. Договорот на претходната влада со Бугарија, актуелната влада го оспорува и бара промени- нешто што Бугарија, како и европските земји, не го прифаќаат. Преспанскиот договор е исто така прашање кое во овој период зазема простор во политичкиот амбиент. Властите одбиваа да го користат новото име на земјата и ова ја налути Атина, која се закани со блокада на патот на европската интеграција.
Во областа на финансии, на државниот буџет е додаден долгот од 500 милиони евра од Унгарија, кој Мицкоски ги обезбеди од унгарскиот премиер Виктор Орбан. За долгот имаше обвинувања дека Унгарија го зела од Кина. Половина од овој кредит ќе биде наменет за инфраструктурни проекти на општините, кои веќе аплицирале на повикот на Владата. Другата половина ќе се користи за финансирање на евтини кредити за економијата.
Во овој период Владата го одобри и ребалансот на буџетот, на кој во најголем дел му се израдуваа пензионерите. Од септември Владата им ги зголеми пензиите за 2.500 денари, а вети дека исто толку ќе ги зголеми и во март следната година.
Во областа на образованието, проблемите речиси се повторуваат. Прашањето на учебнциите и понатаму е предизвик, и покрај ветувањето на новата влада, министерството за образование не успеа да обезбеди книги за сите ученици, додека проблемите со училишните објекти и недостатокот на наставен кадар во природните науки продолжуваат.
Во областа на културата, 33 уметници на Ансамблот за албански песни и танци останаа без работа, додека по утврдувањето на прекршоците, беше разрешен директорот Шкодран Толај./Алсат.мк

Advertisements

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button