Не стапи на сила мерката за ограничување на маржата
Не стапи на сила мерката за ограничување на маржата

До понеделник нема да има ограничување на маржата од 10 отсто, за прехранбени и непрехранбени производи, најавуваат од Министерството за економија. Одложувањето на примената на мерката доаѓа по средбата на министерот за економија Бесар Дурмиши, со претставници на најголемите синџири на дистрибутери и трговци. Од Стопанската Комора бараат да се намали бројот на производи што ќе бидат вклучени во оваа мерка. Како што велат, ако некој сака да купи луксузни и скапи производи, тогаш на тие производи не треба да им се намалува цената.
Министерството за економија ќе ги разгледа барањата на трговците, а на денешната средба не беше постигнат договор. Конечната одлука ќе биде донесена следната недела.
„На состанокот се дискутираше за предлог одлуката на Министерството за економија и труд, за ограничување на бруто маржата на 10% во трговијата на големо, и 10% во трговијата на мало за дел од основните прехранбени производи и хигиенски производи. Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки, кои Министерството за економија и труд ќе ги анализира”, велат од Министерство за економија.
Мерката за ограничување на маржите беше најавена откако Пазарниот инспекторат, го достави шестмесечниот извештај за процентот на добивка од дистрибутерите, производителите и трговците. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, за Алсат изјави дека трговците ги зголемиле маржите на добивка до 30 отсто, а дистрибутерите до 50 отсто. Ограничувањето на маржата, според Стопанската комора, ќе го доведе во прашање опстанокот на 86 компании, со 790 продажни места и 4.700 вработени. Со 10% бруто маржа не може да ги покријат оперативните трошоци, реагираа од Стопанската комора./Алсат.мк
Зекирија Хаџиу