Не стивнуваат реакциите за изборот на Богојески за директор на ЕРАЗМУС
Не стивнуваат реакциите за изборот на Богојески за директор на ЕРАЗМУС

Европската комисија е запознаена со загриженоста во јавноста поврзана со изборот на Петар Богојески на чело на Агенцијата за европски програми за образование и мобилност, и ќе разговара за тоа со министерката за образование. Претставници на Европската комисија за Алсат велат дека не биле вклучени во изборот и процесот на номинација на Богојески и сè уште не се официјално информирани за неговиот избор. Од таму велат дека директорот на оваа институција треба да ги споделува европските вредности.
„Ја земавме во предвид загриженоста поврзана со неговите претходни јавни постапки и ставови. Бидејќи очекуваме директорот на Националната агенција што управува со клучна програма на ЕУ да биде на ниво на основните вредности на ЕУ, што подразбира почитување на достоинството и човековите права, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото, очекуваме ова прашање да го дискутираме со министерката за образование“, велат од Европска комисија.
Европската комисија не добила информации за изборот а Богојески и сè уште не го прифатила официјално неговиот избор на функцијата, но тој веќе започнал да испраќа соопштенија во име на агенцијата, со печат и архивски број.
Во јавноста, речиси една недела не стивнуваат реакциите за наградувањето на оваа контроверзна личност со висока функција од страна на владата.
Мрежата за заштита од дискриминација има собрано обемна колекција од јавни ставови на Богојески, дадени на прес-конференции и на социјалните мрежи. Тој често ги навредува Албанците, но и жените, лицата со ХИВ и ЛГБТ заедницата, лица со поинакви политички ставови, често користејќи и говор на омраза.
Мрежата бара повлекување на одлуката од страна на Министерството за образование.Тие ги сметаат за загрижувачки ставовите на функционерите, особено на министерката за образование, која вели дека работата на директорот ќе се оценува од сега па натаму.
“Сметаме дека назначување на човек кој со своето однесување на социјалните медиуми секојдневно ги гази овие принципи и ги презира луѓето кои ги почитуваат, не само што не е основано, туку претставува и навреда на Програмата која постои повеќе од 35 години и која постојано вложува во развојот на младите. Истовремено сме и крајно загрижени од реакцијата на Министерката за образование која на укажувањата на повеќе чинители во општеството, вклучително и на Министерот за европски прашања изјавува дека неговата работа ќе се следи со поголем фокус. Ваквите ставови и начин на комуникација немаат простор во јавниот дискурс, особено не од страна на именуван функционер“, велат од Мрежа за заштита од дискриминација
Богојески беше тужен за говор на омраза кон Албанците од страна на Коалицијата ВЛЕН, а претходно беше тужен и од неколку невладини организации за говор на омраза и закани, по што го загуби и работното место во Министерството за одбрана.
Албанските претставници во владата изјавија дека ја споделуваат загриженоста за изборот на Богојески, но барем јавно, сè уште не побарале негово повлекување./Алсат.мк