Неасфалтираниот пат во Визегово ги затвори дома децата со инвалидитет

Жителите на населбата Визбегово во Скопје живеат во тешки услови. Патиштата се неасфалтирани и со дупки. Недостигот од инфраструктура предизвикува поголеми потешкотии кај лицата со попреченост кои не можат да ги движат инвалидските колички низ улиците со камења. Поради тоа, принудени се да останат затворени дома.
„Имам син со хендикеп, од тешка категорија, се вика Блерим Лута. Нема услови за него, не можам да го извадам на улица, има многу прашина. Имаше електрична количка, но бев принуден да му ја тргнам од употреба, зашто два-три пати падна, сега има обична количка. Некогаш излегуваме. Би побарал општината да го асфалтира патот“…
„Тука проблемот е од порано. Доставивме барања не ни одговорија како што треба. Останавме ни со општина Бутел ни со Шутка. Нѐ поделија. Сите се финансирани од нас, остана само оваа улица. Не се поднесува, има прашина во лето а кал во зима. Се обидовме малку да ја средиме, но не држи, џабе е“, велат жителите.
Жителите се револтирани што надлежните ги потсетуваат само во предизборниот период или кога треба да ги платат обврските кон општината.
„Едниот вели дека сте со општина Шутка, друг дека сме со Бутел, друг вели вие сте во Чаир, а едниот со другиот не зборува дека треба да се среди патот. За пари се снаоѓаат, дури и на месечина одат. Вака ќе ја оставиме, сите нека се смеат со нас. Да имавме, би ја покриле со тепих“, реагираат жителите.
Од општина Шуто Оризари велат дека Улица 3 е на општина Бутел од каде пак не добивме никакво појаснување. Покрај неасфалтираните улици, дел од Визбегово се соочува и со недостиг на вода, особено во летната сезона.
Мелихате Рустеми