Нефју: Да се истражи секоја индиција за корупција во изградбата на Коридорите

Глобалниот антикорупциски координатор ангажиран во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју, во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат изјави дека сите индиции за корупција во изградбата на Коридорите 8 и 10-Д и покрај тоа што се ангажирани американски компании треба да се истражат. Според него, ваква истрага треба да има поддршка и од американската амбасада во Скопје.
„Амбасадата е силен поддржувач на американскиот бизнис и нивните активности овде. Многу е јасно дека ние сме силни поддржувачи на вредностите и изјавите за ефикасна борба против корупцијата. Доколку има индиции за корупција, тоа треба да се истражи. Тие истраги треба да се сфатат многу сериозно“, рече Нефју.
Нефју говорејќи за конкретниот ангажман на меѓународниот конзорциум Бехтел Енка, рече дека американските закони се јасни и секој бизнис во или надвор од САД треба да ги знае.
„Имаме силни и конкретни закони за американските компании и нивната подготвеност да се вклучат во активности надвор од САД. Нашиот став е јасен и директен, како од правна рамка, така и од политички аспект“, додаде Нефју.
Зборувајќи за целта на посетата на Скопје, Нефју рече дека американската администрација има доволно проекти насочени кон поддршка на работата на правосудните органи, зголемување на довербата и проширување на работните капацитети.
Адријан Керими