
Самитот ќе започне со работна вечера на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, кои при тоа ќе разговараат и за трансатлантските односи, најновите случувања во Грузија, како и за неодамна усвоената израелска легислатива во врска со Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
На вечерата во делот на расправата за трансатлантските односи, лидерите на ЕУ ќе одржат стратешка дебата за односите на Унијата со САД, со фокус на билатералните односи, на безбедноста и геополитика, вклучително и во врска со Украина, како и на глобалните предизвици и меѓународната соработка, меѓу другото и за климатските промени.
Во поканата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел до лидерите на ЕУ за учество на Самитот се наведува дека односите со САД се од суштинска важност за Унијата и затоа таа е подготвена за нивно продлабочување.
– Мораме да продолжиме да ги исполнуваме нашите приоритети во согласност со Стратешката агенда, работејќи активно кон одржување на силна и суверена Европа, наведува Мишел.
Во однос на надворешната политика ќе стане збор и за ситуацијата во Грузија и нејзините европски перспективи, во светло на парламентарните избори одржани на 26 октомври, како и за израелскиот закон за УНРВА, чие спроведување би и оневозможило на УНРВА да го извршува својот мандат и за неговите последици врз односите ЕУ-Израел.
На самитите во јуни и октомври годинава, лидерите на ЕУ изјавија дека тековниот развој на настани во Грузија, вклучително и усвојувањето на законот за транспарентност на странското влијание во мај, е во спротивност со основните вредности и принципи на Унијата и го загрозува пристапувањето на земјата кон блокот.
На утрешното продолжение на неформалниот Самитот, лидерите на ЕУ ќе разговараат за нов договор на конкурентноста, кој во услови на нова геополитичка реалност треба да и помогне на Унијата да ја зајакне својата долгорочна конкурентност и економски просперитет со цел таа да се прилагоди на предизвиците во иднина и да стане поавтономна, согласно одредбите од Стратешката агенда за периодот 2024-2029 година.
Во тој контекст основа за дебатата ќе бидат извештаите на двајцата поранешни италијански премиери Енрико Лета и Марио Драги, „Многу повеќе од пазар“, односно „Иднината на европската конкурентност“.