Неформални разговори меѓу власта и опозицијата за уставните измени

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ потврди дека се уште постојат разговори со опозицијата за поддршка на уставните измени, на повеќе нивоа. Ова следува откако во телевизиско интервју претседателот Стево Пендаровски рече дека течат неформални разговори под странско посредништво. Маричиќ повтори и дека се очекуваат нови посети на меѓународни претставници, но не откри детали дали има нови понуди на маса меѓу власта и опозицијата.
„Понудивме и политички формат во којшто опозицијата би учествувала во Владата, понудивме и можност за донесување дополнителни гаранции за нашите институции за тоа како да се однесуваат во преговорите, но нашето инсистирање е се да остане во рамките на преговарачкта рамка и на возможното“, рече Маричиќ.
Маричиќ исто така рече дека новата Влада во Софија има добра волја и не очекува дополнително да го компликацира процесот, туку двете страни да се придржуваат до она што е напишано во преговарачаката рамка, заклучоците на Советот на ЕУ и протоколите.
Инаку, додека траат неформалните преговори меѓу власта и опозицијата, лидерите на партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски не ја менуваат реториката во јавноста. Ковачевски кажа дека уставните измени се технички, не задираат во идентитетот, а дека со уставните измени се врши бугаризација и асимилација обвинуваат „руски ботови и луѓе што имаат финансиски интерес“. Од друга страна пак, Мицкоски објаснува дека ќе се залага за македонска агенда, а не за европската агенда на власта, која ја нарече „крими-агенда“.
„Ние за првпат имаме политичар после 30 години независност којшто вели во јавна изјава дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. Оваа недела, а на почетокот на неделата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека европската агенда не е иста со македонската агенда“, рече Ковачевски.
„Тука е во право Димитар Ковачевски кога вели дека европската агенда според коалицијата на ДУИ, поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ, за која уште за кратко време претпоставувам тој ќе биде претседател, е сосема различна од македонската, којашто е дел од вистинската европска агенда. Никогаш нема да бидам дел од онаа агенда, којашто во своето множество опфаќа милионски имоти на млади господа во центарот на главниот град“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени би се знаело најрано на 18 август кога започнува пленарната седница за потребата за отворање на Уставот. Расправата може да трае максимум десет дена, но спикерот Талат Џафери ја отвори можноста седницата да биде прекината, а да продолжи кога ќе се обезбедат 80 гласови. Процесот на уставни измени треба да заврши до 30 ноември, кога завршува скрининг процесот.
Лука Андреев