Негрижа за Охридското Езеро, се менува составот на живиот свет
Негрижа за Охридското Езеро, се менува составот на живиот свет

Охридското езеро се наоѓа под сериозен притисок на човекот, пред се поради испуштањето на отпадните води и честите дефекти на колекторскиот систем. Сето ова предизвикува да се јавуваат промени во составот на живиот свет, вели професорот Златко Левков од Институтот за биологија.
„Ако продолжиме со вакво темпо на загрозување на езерото, некои проценки се дека за десеттина години можеме да очекуваме постепено исчезнување на одредени видови“, рече Златко Левков-Институт за биологија.
Овие фотографии го илустрираат загадувањето на езерото кое доаѓа од реката Сатеска. Наместо чисто сина боја, езерската вода на места е темно кафеава.
„Проблемот со негрижата не е од денес, туку е последните 50-60 години. Денес тоа е поинтензивно со големата урбанизација.Тоа е еден од клучните проблеми на Охридското езеро,како и недостаток на правилен менаџмент на отпадните води. Секоја власт дали е на локално или национално ниво првиот проблем кој треба да го решат е менаџирањето на отпадните води и реката Сатеска која внесува огромни количини на седимент во езерото“, додаде Златко Левков-Институт за биологија.
Дека е потребна поголема грижа за езерото предупредуваат и научници од регионот.
„Има голем број ендемски видови кои укажуваат на староста на овој еко систем кој припаѓа на едни од најстарите тектонски езера во светот, најстари во Европа. Секоја држава треба да ги заштити своите води и еко системи. Мора да постои соработка помеѓу државата и научната фела и со одредени закони да се контролира квалитетот на водата и да се одржува еко системот да биде во добра состојба“, нагласи Јелена Кризманиќ-Биолошки факултет од Белград.
На местото каде што се влева Сатеска, 80 % од земените анализи на Центарот за јавно здравје, покажуваат дека водата е од 3 и 4 категорија./Алсат.мк
Мики Трајковски