Неисправност на хидрантна мрежа и блокирани излези за евакуација најчести проблеми во станбените згради

Украдени противпожарни црева, неисправност на хидрантската мрежа, попречени излези за евакуација со мебел или заградени од страна на станари…. се дел од неисправностите што ги пријавиле управителите на станбените објекти откако од општинските инспекциски служби добија задолжение да достават информација за неопходната противпожарна опрема во станбените згради.
По истекување на рокот за доставување на податоците од страна на управителите или заедниците на станари, а кои според податоците што МИА ги доби од пет скопски општини, истекува месецов, се очекува инспекторите да извршат контрола на станбените објекти со цел да проверат дали добиените податоци соодветствуваат со фактичката состојба на терен. Потоа, секоја општина, ќе треба да достави записници од извршените контроли до ЗЕЛС и тие потоа ќе може да бидат дадени на увид на јавноста. Ќе им се даде одреден рок на управителите на станбените згради да ги поправат недостатоците и неправилностите доколку се констатираат.