
За сега не се знае кога и дали воопшто ќе има нова државна помош за угостителскиот и туристичкиот сектор во државата. Од Министерството за економија, велат, тоа никој го немал побарано од нив, иако хотелиерите и туристичките работници велат дека без нов сет владини мерки, тешко ќе можат да ја поминат зимата.
„Ниту од Стопанските комори ниту од Координативното тело немаме добиено нови предлози за помош на туристичката индустрија. Како Министерство сметаме дека и идните мерки треба да се донесат во соработка со приватниот сектор и во консултација со експерти од областа. Ние како Министерство сме отворени и очекуваме предлози и образложенија за истите се со цел да можеме да заземеме став и истите да ги предложиме во Влада“, наведуваат од Министерството за економија.
Од хотелската асоцијација, велат дека деновиве ќе испратат официјално барање за државна помош до надлежните институции. Едно од барањата ќе бидат субвенции за минимални плати за вработените.
„Мерките за субвенционирање се веќе побарани. Со оглед на тоа дека половина од годината бевме затворени, или полузатворени и одработивме некоја сезона во јули и август. Семинарите ги немаме како во 2019 година, многу се намалени. Очекуваме дека ќе добиеме некаков вид на помош за оваа година, да би можеле следната година со сите поскапени цени да почнеме да функционираме и да ја изработиме целата година со подобра исполнетост и да ги намалиме вкупните трошоци“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.
Инаку хотелиерите најавија дека ќе има поскапување на цените на аранжманите после Нова година за 20%, поради зголемувањето на цените на основните прехранбени производи. Поради Ковид 19 кризата, хотелските објекти на охридско-струшкото крабрежје се речиси празни, а така ќе биде и во наредните неколку месеци.
Мики Трајковски