Неизвесност пред седницата за Уставот закажана за во петок

Засега е неизвесно како ќе се одвива расправата на пленарната седница во Собранието за потребата за отворање на Уставот, закажана за во петок. Оваа седница е прв тест за уставните измени, односно неопходно е двотретинско мнозинство за процесот воопшто да продолжи. Претставници на власта претходно истакнаа дека им недостасуваат осум пратенички гласа од потребните 80. Спикерот Талат Џафери пак, неодамна најави дека ако нема двотретинско мнозинство, можно е седницата да ја прекине, но таа да продолжи во моментот кога евентуално би се премислиле пратениците од опозицијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова е купување време на власта, за да избегне предвремени избори. Дали сепак опозициските пратеници ќе бидат присутни во салата и ќе учествуваат во расправата што би започнала во петок не се знае. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходно изјави дека ќе разговара со партиските органи за тоа како ќе се постапува, но одлука до овој момент нема. Од партијата денеска кусо одговорија:
„Уставните измени под бугарски диктат нема да поминат. Нека престанат со комбинаторики. Единствен логичен излез, по падот на легитимитетот на оваа власт во петок, ќе бидат предвремени парламентарни избори“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, на власта можеби ќе ѝ недостасуваат и повеќе од осум гласови. Од опозициската партија Алтернатива денеска рекоа дека конечниот став ќе го искажат на чинот на гласањето. Тие потсетија на своите барања при процесот на отворање на Уставот.
„Даваме поддршка за отстранувањето на навредливиот поим „20%“, којшто гледаме дека не се почитува и исто така за нас е многу битен нашиот уставен амандман за незастарување на делата на корупција од политичарите, бидејќи сметаме дека после уставните промени тој тип на реформи ќе бидат клучни во нашето чекорење кон Европската Унија“, вели Орхан Муртезани – Алтернатива.
Инаку, седницата посветена за потребата за отворање на Уставот може да трае најмногу десет дена и ако има зелено светло, согласно роковите, целиот процес на уставни измени би можел да заврши за три и пол месеци. Планот на власта е процесот да заврши до крајот на ноември и временски да се совпадне со завршувањето на скрининг процесот на земјата. Сепак, високи функционери најавија дека ако нема сега, тие би барале двотретинско мнозинство до крајот на мандатот на Владата, односно до јуни наредната година.
Лука Андреев