Нејасно е како сегашното мнозинство ќе ги протурка собраниските процедур

Нејасно е како сегашното мнозинство ќе ги протурка собраниските процедури, вклучително и најитната- носењето на буџетот за 2022. СДСМ вели дека почнува преговори за проширување на мнозинството.
ВМРО-ДПМНЕ итно бара предвремени избори.
Алијанса за Албанците останува на страната на опозицијата и најавува натамошни чекори за спротивставување на владините политики.
„Со 61 потпис оваа Влада требаше да се урне и моравме јавно да се изјасниме дека ако падне Владата ќе одиме на вториот чекор, а тоа е да се обидеме да бидеме дел од ново парламентарно мнозинство. Сега ова е нова ситуација. Но, прво да добиеме информации што се случува со пратеникот, ако е добар и здрав може да има слобода да се предомисли, но да не исчезне. Тогаш ќе видиме, воопшто не бегаме од избори“.
Алтернатива ги демантира гласините дека одлучила да стане дел од сегашното мнозинство со своите четворица пратеници. Лидерот на партијата Агрим Гаши во емисијата 360 степени во Алсат вели дека за следните чекори ќе се разговара прво со опозициските партии, а подоцна ќе се донесе партиска одлука.
„Принципиелно е прво да разговараме со ВМРО и Алијанса за Албанците, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, како тие го гледаат и како ние го гледаме процесот или излезот од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се договориме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме доследни на тоа што бевме досега, конструктивна опозиција. Но, ако не се согласиме, тогаш можеме да видиме што се очекува од нас.“
Во моментов, според изјавите, бројките се 60 за опозицијата каде има и двајца пратеници на Беса, а 59 од друга страна, односно СДСМ и коалициските партнери ДУИ и еден пратеник на ДПА. Кастриот Реџепи се уште не се изјасни за страната што ќе ја заземе. Вчера, претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека формално пратениците кои го смениле ставот во власта-опозиција ќе треба писмено да му соопштат за новата позиција.
Fatlume Dervishi