

Алсат
27.07.2020 15:41
Илјадници платежни картички се уште не се поделени на граѓаните. Рокот пак за трошење на парите од картичките истекува на 15 август. Доколку некој не ги подигне платежните картички од државата или пак не ги потроши до средината на идниот месец парите автоматски се враќаат во државната каса и картичките повеќе нема да може да се користат за пазарување.
Алсат побара став од поголемите комерцијални банки. НЛБ Тутунска банка има обврска до граѓаните да изработи и подели 113 илјади платежни картички. До денеска 85 отсто од картичките завршиле кај граѓаните, велат за Алсат од банката. Проблеми од банката имаат со граѓани кои дале неточни податоци и сега во прашање е доведена навремената испорака на картичките. Дополнително, банката има проблем и да стапи во контакт и со граѓани кои не се во земјава.
НЛБ Банка платежните картички ги доставува лично на домашна адреса на корисниците. Се соочуваме и со корисници на ДПК кои не живеат во РСМ, починати лица и сл. за кои не сме во можност да извршиме достава на картичките, велат од НЛБ.
Од Комерцијална банка пак ни посочија дека над 90 отсто од картичките кои требало тие да ги поделат веќе се подигнати од страна на нивните клиенти. Оваа банка поделила 53 илјади платежни картички. Дел од корисниците кои ги подигнале картичките веќе ги потрошиле парите, некои имаат уште мал дел од средствата а има и случаи каде што засега нема ниту една трансакција направено со платежната картичка добиена од државата.
Од Халк банка пак, ни соопштија дека заклучно со денешниот датум од 24.000 картички предадени се 22.485. Од таму им посочуваат на клиентите кои се со несоодветен податок контакт и слично да се јават во банката откако ќе дознаат во која банка им е издадена картичката.
Последните официјални податоци велат дека околу 65 илјади приговори од граѓани се решаваат во државните институции, но оваа бројка е намалена бидејќи на дневна основа се одлучува за голем број поплаки на граѓани за платежните картички, велат од владата. Засега над 20 отсто од приговорите се прифатени. Дел од поплаките на граѓаните се дека добиле картичка која била празна, без пари на неа, потоа некои сопственици на помали маркети не дозволувале да се купува со таа картичка, а имало и случаи каде на граѓани им било посочено дека рокот за подигнување на картичката бил завршен и не може повеќе да се подигнува, иако за тоа нема рок.
Иле Петревски