
Земјотрес со јачина од 4,5 степени беше регистриран кусо пред 3.30 часот на Евија, што е дел од низата земјотреси со ист епицентар во изминатите 24 часа во северниот дел на грчкиот остров, а предизвикана е помала материјална штета и пукнатини на над 50 објекти, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на грчката Организација за антисеизмичко планирање и заштита Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ рече дека не постои посебна причина за загриженост, но дека го следат развојот, додавајќи дека на жителите им биле дадени потребните упатства.
-Ова е трет земјотрес со јачина од над 4 степени според Рихтер во последните 24 часа откако започна сеизмичката активност. Уште од самиот почеток нагласив дека во наредните денови ќе имаме земјотреси со јачина од 4 и 5 степени според Рихтеровата скала, посочи Лекас.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани десетици помали земјотреси, а најголемите беа од 4,1 и 4,4 степени, кои беа почувствувани и во Атина.