
Серија шумски пожари зафатија делови од американската сојузна држава Тексас. Илјадници се евакуирани, а електричната енергија е во прекин. Поради неконтролирано ширење на огнената стихија затворен е и еден објект за нуклеарно оружје, пренесува АП.
„Го евакуиравме нашиот персонал од локацијата, поради голема претпазливост“, рече Лаеф Пендерграфт, портпарол на Канцеларијата на Националната администрација за нуклеарна безбедност во Пантекс.
„Имаме добро опремена противпожарна служба која е обучена за овие сценарија, која е на лице место и набљудува и е подготвена да одговори доколку се појави каква било вонредна состојба на локацијата на централата“, додава Пендерграфт.
Пантекс е околу 30 километри североисточно од Амарило и околу 500 километри северозападно од Далас. Од 1975 година е главно место за склопување и расклопување на атомски бомби.
Властите сѐ уште не излегле со официјална информација што би можело да го предизвика пожарот.