Нема договор меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши околу новото владино мнозинство

Лидерот на Алтернатива, Гаши изјави дека неговата партија е пред крстопат и мора да излезе со одлука од која корист ќе имаат државата, граѓаните и Албанците.
„Ако зборуваме со јазикот на срцето ќе добиете сосема поинаков одговор кој нема никаква врска со Алтернатива. Тука сум во својство на претседател на партијата и тука не се работи за емоции. Треба да одлучиме што е најважно за граѓаните, државата, Албанците и Алтернатива”, вели Африм Гаши, претседател на Алтернатива
Заев ги повика коалициските партнери да покажат разбирање за поделба на власта со Алтернатива. Воедно, тој ги демантираше гласините дека заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски на денешната средба бил во својство на следен мандатар.
За понудата на Заев, Гаши ќе разговара и со лидерите на опозициските партии, поточно со коалициските партнери Зиадин Села и Христијан Мицкоски.
Двајцата лидери истакнаа дека следната недела ќе има интензивирање на разговорите, по првите впечатоци што ќе ги добијат во партиските органи. Зборувајќи за новиот мандатар и за промена на владината програма ако Алтернатива стане дел од мнозинството, Заев изјави дека со уставните рокови се пречекорува 14 декември, кога се очекува конечниот одговор дали земјата ќе добие датум за преговори или не. Партиските тела на Алтернатива ќе заседаваат во вторник, а исто така во вторник социјалдемократите во Централниот и Извршниот одбор ќе одлучуваат за оставка на партискиот лидер./АЛСАТ