Нема договор со синдикалците за покачување на платите
Нема договор со синдикалците за покачување на платите

Нема епилог во владината зграда по средбата со синдикалците. На седницата на Социо-економскиот совет им било понудено зголемување на платите од 6 отсто, што е далеку под нивните барања.
Раководителите на синдикатите предлагаат зголемувањето на платите во јавниот сектор да биде колку стапката на инфлација која лани изнесуваше 14,5 отсто, и тоа да се направи од 1 септември.
Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите на нивото пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде исто за сите. Од ССМ велат дека се согласуваат како основа да се земе методологијата на просечната плата плус коефициентот и да се применува моделот две и пол години, а по овој период да се усогласат платите за сите.
И првиот човек на СОНК рече дека покрај формулата за покачување на платите, многу е важен и тајмингот за спроведување.
Вицепремиерот за економски прашања изрази изненадување од барањето за намалување на платата на функционерите.
Во среда во Министерството за финансии повторно ќе се одржи состанок со синдикалните лидери. Финансии тврди дека линеарното зголемување на платите во јавниот сектор не може да биде двоцифрено. Според првиот човек на финансии, буџетот нема капацитет за толкаво покачување на платите затоа што во моментот за плати во јавниот сектор се издвојуваат 960 милиони евра и зголемување од 10% би било блиску до дополнителни 100 милиони евра што треба да се издвојат од државниот буџет.
Аднан Ќаили