Нема нови мерки за заштита од КОВИД 19

По еден месец молк, Комисијата за заразни болести одржа состанок, но не препорача рестриктивни мерки. Иако сме во петтиот бран на пандемијата, здравствените власти бараат 2/3 од населението, кое се уште не е имунизирано, да се вакцинираат. Комисијата ја нагласи потребата од спречување на ширењето на корона вирусот, особено во затворени простории бидејќи оценува дека се зачестени семејните собири, а за празниците ќе има уште повеќе. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека сегашните мерки се доволни и треба да се почитуваат.
Министерството за здравство соопштува дека во периодот од 6 август до 11 ноември 29 отсто од позитивно дијагностицираните биле целосно вакцинирани. Според статистичките податоци, стапката на смртност кај невакцинираните достигна 80%. Од 1.434 починати во овој период, 354 биле вакцинирани.
Но, интересот на граѓаните за вакцинација не се зголемува. Вакцини има доволно. Руската вакцина Спутник V е отстранета од списокот за снабдување, бидејќи сертификатот за патување со оваа вакцина не е прифатен во повеќето земји на ЕУ и во САД. Според последниот извештај за овие два дена, аплицирани биле 7.169 вакцини, од кои 1.389 за првата доза, речиси исто толку се ревакцинирани, додека 3.433 други ја примиле третата доза. Од почетокот на имунизацијата на населението над 812 илјади граѓани примиле една, две или три дози. Според бројот на дадени вакцини, 37% од населението е целосно имунизирано.
Подготви: Аднан Ќаили