
Речиси половина година не е закажано ново судско рочиште за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска,на која во 2020 година по породувањето со царски рез во струшката болница ѝ беа извадени три органи – јајник, матка и еден бубрег. Причина за тоа е што се уште не е изготвено супер вештачењето од страна на професори од Медицинскиот факултет во Скопје, откако обвинителството и одбраната понудија две сосема различни вештачења. Адвокатот на Јилдиз, стравува дека поради ова може да дојде до застарување на предметот. Не сака да се сомнева дека намерно се одолговлекува целиот процес.
„Што ќе правиме ако застари предметот, а супер вештачењето не е изготвено. Кога ќе застари предметот тоа ќе значи како никогаш да не е сторено кривичното дело кој им се става на товар. Меѓутоа јавниот обвинител е тој кој се спротиставува на ваквото однесување на одбраната и на сите учесници во постапка. Јавниот обвинител е должен да го убрза овој процес. Се дојде да одиме до супер вештачење, кое не верувам дека текотонски ќе промени нешто, во однос на тоа кој е виновен за она што и се случу на мојата клиентка“, рече Сашо Јанев-адвокат на Јилдиз.
Првообвинет во случајот е гинеколог од Струга, Мухамед Асани, а потоа неговиот син Блертон Асани. Трето обвинета е докторката Лилјана Јованоска. Тие се товарат за предизвикување тешки дела против здравјето на луѓето.Доктор Асани веќе се изјасни за невин.
„Исцрепна сум многу, немам сила и ги замолувам да излезе правдата што побрзо. Се молам на бога да бидам жива и здрава, да ја дочекам правдата, да не биде спротивното, да неможам да ја дочекам правдата и да неможам да ја слушнам вистината.Здравствено не сум добра, се лечам, одам на доктори, можеби ќе треба и нов оперативен зафат да имам затоа ги замолувам додека сум жива да ја слушнам правдата“, изјави Јилдиз Веапоска-оштетена.
Во вештачењато на одбраната стои дека двајцата лекари и го спасиле животот на Веапоска. Но, во она од Судска медицина се вели дека влошувањето на здравствената состојба е настанато исклучиво поради делувањето на здравствениот тим во болницата во Струга. Од судот во Струга велат дека судењето ќе продолжи откако ќе биде готово супер вештачењето./Алсат.мк
Мики Трајковски