ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нема поместување во спорот со Бугарија

И по формирањето на политичка влада во Бугарија, Скопје и Софија не можат да ги надминат разликите и да го направат следниот чекор кон деблокирање на европската интеграција. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Бугарија заборава како се градат добри односи.

Advertisements

Реагираше и Министерството за надворешни работи. Оттаму со жалење забележуваат дека соседот уште еднаш се обидува да ја префрли одговорноста за неисполнување на меѓународните обврски врз нашата држава.

МНР:

„Истакнуваме дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа. Република Северна Македонија останува целосно посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи како темелни вредности на европската интеграција, и не може да прифати нивно негирање или релативизирање, вклучително и кога станува збор за правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија.”

Од МНР велат дека политиката на условеност не помага во градењето добрососедски односи и дека силно се залагаат за дијалог.

Овие реакции во Скопје доаѓаат еден ден откако Министерството за надворешни работи во Софија му одговори на Мицкоски, потсетувајќи дека одлуката на ЕУ од јули 2022 година се уште важи и дека е изненадувачки што премиерот Мицкоски ги доживува обврските што ги презема Македонија како мешање во внатрешните работи.

Министерство за надворешни работи на Бугарија:

„Ваквите изјави ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се сврти вниманието на јавноста од недостатокот на реформи. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На тој начин, сакајќи или несакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија “.

Вклучувањето на Бугарите во Уставот и почитувањето на договорот за добрососедство со Бугарија се услови во преговарачката рамка што земјата треба да ги исполни за да ги отвори пристапните поглавја.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button