Нема решение за детското одделение во Охрид

Ниту една година по ветувањето дека ќе се реши проблемот со недостигот на педијатри во Охрид, кадар нема а децата и натаму за време на викенди, ноќно време или кога е потребна хоспитализација патуваат за Струга. Детското одделение во Охрид, работи како обична амбуланта до 19 часот.
Министерот за здравство Беким Сали, вели дека поради хроничниот проблем со кадарот и есенската сезона на грипови не биле во можност да пратат здравствен кадар во Охрид, но сите доктори кои се во општата болница во Струга се на располање на пациентите во Охрид, имајќи ја предвид близината на двата града. Сали вели дека една од опциите која се разгледувала – било доктори од Струга да ротираат во Охрид, но тие одбиле.
Прашање: Зошто тогаш во септември ветувавте решение?
„Едно од барањата беше упатување на лекари по програмата 221, меѓутоа не успеавме да ги пратиме од Струга до Охрид, затоа што тоа останува на волјата на вработените да се упатат во општата болница во Охрид. Причината дали е субјективна тоа не знам“, рече Сали.
Директорот на струшката болница, Арменд Арслани, вели дека нивните педијатри, не се согласиле да ротираат во Охрид, но се надева на решение.
„Сме биле во координација со министерството и со болниците во Струга и Охрид. Во тек се два трансфери во Охрид, кои се во последна фаза. Имаме и таму специјалисти, кои ќе бидат четири. Имаме и согласност за двајца консултанти. И прва и втора смена е веќе покриена во Охрид и очекуваме во нареден период, како што сме се и ние организирале, ќе почне да се воспостави систем на дежурства и да се среди целата оваа работа“, рече Арслани.
Детското одделение во Охрид, од ноември 2021 година работи само со двајца педијатри, и како обична амбуланта, а струшките педијатри алармираат дека се на крај со силите,бидејки имаат и по повеќе од 100 прегледи дневно.
Мики Трајковски