Нема ризик за безбедноста, државата е во сигурни раце, вели Мицкоски

Не постои никаков ризик за безбедноста, за безбедноста на државата. Државата е во сигурни раце, се води сметка да нема би рекол дополнителни изненадувања, да нема никакви изненадувања, коишто би можеле да ја нарушат безбедноста на една суверена, европска демократска држава, каква што е нашата држава во 21 век, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на пратеничките прашања поставени од пратеникот, Блерим Беџети од Европскиот фронт.
Премиерот, Мицкоски истакна дека оваа Влада, во којашто се коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ или ВЛЕН, политичката партија ЗНАМ се грижи за безбедноста на целата територија, како и за сите граѓани без разлика од тоа дали се дел од политичкиот живот или не се дел од него, како и без разлика на етничките и верски различности.
-Наша основна задача е да обезбедиме функционирање на системот, нешто што за жал не беше нормално за претходната Влада и да обезбедиме уставно загарантирано право на целата територија, за сите граѓани на целата територија на Македонија, одговори премиерот Мицкоски.