ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нема судија и обвинител кој не бил на едукација во САД и во Европа, а ефекти НЕМА

Не се потребни само изјави, туку и дела во борбата против корупцијата, порачува поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска. Таа на овој начин всушност ги коментира изјавите на премиерот, министрите, но и претставници на судската власт кои се согласија со ставовите на амбасадорите на САД, Европската унија, Германија и други, околу владеењето на правото во земјава. Според Николовска, кај нас зборувањето секогаш било во фокусот кога се случуваат негативни појави, но она што навистина недостасува е имплементацијата на законите.

„Мене повеќе ме загрижува тоа што овие изјави се дадени после изјавите на амбасадорите, а корупцијата одамна постои и сите нивни изјави се во таа насока, дека корупција постои и дека треба да се бориме. Тие се првите коишто треба да покажат на кој начин треба да се бориме и да си ги преземат активностите коишто се во рамки на нивните надлежности“, рече Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка во Стразбур.

Николовска вели дека повиците на странските институции за борба против корупцијата се резултат на неактивноста на националните институции. Таа тука ги вбројува институциите и од извршната, но и од судската власт. Судијката вели дека е логично амбасадата на САД што бара отчет за вложените милиони долари во земјава во борбата против корупцијата.

„Немало судија, немало обвинител којшто не бил на некаква едукација во Америка и во Европа. Таа едукација, каков ефект донесе и каков ефект произведе кај лицата што биле на едукација? За жал ние многу не видовме…“, додава Цаца Николовска.

Николовска вели дека најмногу е потфрлено токму кај едукацијата. Таа, како што додава, сведочела на многу грешки при активностите на изнаоѓање докази, поднесување обвинителни акти, како и во пресудите, па дури наишла и на правници кои не знаеле да напишат ниту молба.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button