Нема враќање назад од започнатиот процес Отворен Балкан, дури и ако другите земји од регионот на Западен Балкан не се приклучат на иницијативата

Fatlume Dervishi
Нема враќање назад од започнатиот процес Отворен Балкан, дури и ако другите земји од регионот на Западен Балкан не се приклучат на иницијативата. Во Тирана премиерот Зоран Заев, албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ потпишаа економски договори за кои рекоа дека ќе стапат на сила во јануари следната година.
Со Договорот за слободен пазар на труд граѓаните на сите три земји добиваат непосреден и еднаков пристап до дозвола за работа и престој. Договорот за интегрираниот електронски систем на услуги отвора пат за создавање заеднички електронски систем за да им се овозможи на граѓаните електронски административни услуги. Другиот договор го отвори патот за производителите, извозниците, увозниците на производи од јануари следната година слободно да преминуваат граници и царина без да мораат трипати да ги даваат истите документи. Договорот исто така овозможува и увоз и извоз на живи животни.
Лидерите рекоа дека се согласиле на секоја ваква средба да ги поканат сите други три земји, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, да се приклучат на Отворениот Балкан. Но, доколку тоа не се случи, домаќинот на средбата Рама порача дека трите земји продолжуваат напред.
“Како прво, Оворениот Балкан не запира. Второ; Отворениот Балкан е стратешки интерес на Албанија и на Албанците надвор од заедничкиот регионален интерес и е интерес на секоја земја. Трето; ви велам дека и тие ќе дојдат на Отворениот Балкан, но сега само губат време. Кој ќе изгуби повеќе време, ќе изгуби повеќе од она што во меѓувреме ќе добијат земјите што се тука. Ниту ќе го запреме Отворениот Балкан, ниту ќе можат да ја сменат траекторијата која веќе не се враќа назад. Ова е толку едноставно“.
Премиерот Заев изјави дека и неговиот наследник Димитар Ковачевски ќе ја продолжи досегашната политика во однос на Отворениот Балкан. Ковачевски го придружуваше Заев за време на дводневните активности во Тирана.
Отворените политички прашања со Приштина Вучиќ рече дека ќе ги реши во Брисел, но нема ништо против Приштина да се приклучи на масата.
“Мислам дека не е продуктивно за мене да ги поканам затоа што во моментот кога ќе поканам некој од Приштина ќе кажат дека во моментот кога тој упатува покана, нема да дојдеме, но ако ме прашате дали ќе имав проблем со тоа да се појават или ако сакавме да го решиме статусот на политичкото прашање, тоа е во надлежност на дијалогот во Брисел. Но во однос на економските прашања и слободното движење на луѓе и стоки, да бидеме заедно во рамките на Отворениот Балкан, немаме проблем со тоа“.
Следниот Самит на Отворен Балкан е во февруари следната година во Скопје.