Неподвижни баба и внук извлечени живи од пожарот што избувна во нивната куќа

Ова е глетката по пожарот што ја зафати куќата на семејството Ќаили од Шипковица, Тетово. Објектот е целосно изгорен а пожарот се проширил во два други објекти. Засега не е позната причината за пожарот, но се претпоставува дека е електричен кабел. Во гаснењето на пламените јазици покрај пожарникарите помогнало и цело село.
„Пријател ми ја соопшти веста дека куќата ми е запалена. Дојдов веднаш бидејќи имам и мајка инвалид и неподвижен син. Мајката и синот биле внатре, додека братот доаѓајќи со трактор видел оган како излегува од колибата. Го тргнав тракторот, но за кратко се стана пепел. Братот е полесно повреден во десното око. Мајката била полесно повредена кога ја извадиле бидејќи е неподвижна. Не можам сам да ја изградам куќата“, рече Ќаили.
Борбата со пожарот продолжила до раните утрински часови, со цел да се спасат другите куќи.
„Ги спасивме куќите наоколу бидејќи е многу густо село со тесни улички. Со противпожарните возила е многу тешко да се пробие, затоа ги молам жителите на Шипковица да ги стават во функција двата хидранта кои беа порано во функција бидејќи синоќа видовме дека не се функционални“, рече Авни Амети- раководител на ППБ.
Пожарникарите и денеска продолжија со интервенција за целосно изгаснување на пожарот.
Башким Сулејмани